Судиската комисија при ФФМ потврди дека Игор Стојчевски главниот арбитар на натпреварот Струга ТЛ – Воска спорт направил две кардинални грешки.
Шампионот Струга го доби натпреварот со 1:0 со непостоечки пенал во 99.минута. Бељата да биде поголема е што Стојчевски три минути претходно при резултат 0:0 не досудил пенал за Воска спорт.
На ваквата арбитража на Стојчевски покрај охридската екипа реагираа и од другите тимови. Најдиректен беше Шкупи кој посоли дека Стојчевски директно го „скрои“ изгледот на табелата.
Во анализата на Судиската комисија на ФФМ се вели:
„На натпреварот Фк.Струга Трим Лум-Фк.Воска одигран на 06.12.2023 година, анализирани се ситуациите од 90+6 и 90+7 минута.
Главен судија: Игор Стојчевски. Помошни судии: Драган Трпчевски и Душко Панов.90+6 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (За недосуден пенал за гостинската екипа, при резултат 0:0)
Играч на гостинската екипа додаде топка до свој соиграч пред линијата на 16-сетникот на домашната екипа, играчот на гостите се загради на коректен начин со телото и противничкиот играч кој беше до него се одби од телото и падна, но при паѓањето домашниот играч во својот 16-сетник направи невнимателен и недозволен старт на нозете на играчот на гостинската екипа.Погрешна одлука на главниот судија што досуди слободен удар за домашната екипа бидејќи градењето со тело на гостинскиот играч беше коректно и без недозволено движење од негова страна, во оваа ситуација главниот судија требаше да досуди пенал за гостинската екипа поради невнимателен и недозволен старт на домашниот играч над противничкиот играч.
90+7 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (За досуден пенал за домашната екипа, при резултат 0:0)
На една топка во 16-сетникот на гостинската екипа која не беше во ничив посед стартуваа два противнички играчи, играчот на домашната екипа прв со глава ја удри топката и дојде до минимален контакт со телото на противнички играч, топката се одби и дојде до друг играч од домашната екипа кој пред себе имаше противнички играч и кога сакаше да го помине играчот, дојде до минимален контакт (не прави движење) со ногата на гостинскиот играч и играчот на домаќините падна.
Погрешна одлука на главниот судија што досуди пенал за домашната екипа, бидејќи и во двете ситуации контактите беа минимални и недоволни за да се досуди пенал.