Ракометарите на вицешампионот Алкалоид ја остварија и осмата победа во исто толку натпревари од А групата од Супер лигата.
Тие вечерва во салата во Автокоманда ја совладаа последнопласираната екипа Скопје со 38:25 (21:10). Со овој триумф избраниците на Кирил Лазаров се зацврстија на првата позиција на табелата пред тимот на Тиквеш.
По воведното водство од 2:0, ракометарите на Скопје 2020 изедначија на 2:2. Но, тоа беше и првиот и единствен момент кога резултатот беше нерешен на натпреварот. Алкалоид на полувреме водеше со 21:10, а високата предност беше присутна во текот на целиот натпревар. Највисокот водство Алкалоид го имаше во финишот на дуелот кога поведе со 35:20, но гостите до крајот на дуелот намалија на 38:25.
Најефикасни кај победникот беа Давид Саревски, Александар Петковски и Марко Стојковиќ сите постигнаа по 6 голови, додека на натпреварот најефикасни беа ракометарите на Скопје, Давор Шокоски со 9 и Андреј Митиќ со 8 голови.
Во првиот натпревар од оваа рунда, одигран вчера во Битола, Тиквеш го победи вториот тим на Еурофарм Пелистер со 32:27.