Утре стартува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Најинтересен се очекува да би де во Струмица, каде репрендираниот тим на АК Брера Струмица ќе го пречека скопски Вардар.
За жал, овој натпревар ќе мине без организирано присуство на гостинските навивачи.
Имено, иако популарните „Комити“ најавија присуство на овој дуел, сепак од струмичкиот клуб информираа дека не смеат да го примат навивачите на Вардар на стадионот.
Информацијата ја сподели легендата на македонскиот фудбал и претседател на Брера, Горан Пандев на прес-конференцијата на клубот.
„Жал ми е што гостинските навивачи не можат да бидат присутни. Добивме потврда од ФФМ дека не смееме да ги примиме „Комити“.
Од мое име им се извинувам. Ние направивме се што беше во наша можност, направивме и трибина, за да ги пречекаме.
Се надеваме дека во некој друг натпревар ќе ја имаме и таа чест“, изјави Пандев.
Натпреварот меѓу АК Брера Струмица и Вардар ќе се игра утре со почеток од 17 часот.