Повеќекратниот македонски првак Вардар веќе почна да ја добива поддршката од бизнис заедницата во Македонија. Од клубот информираа дека компанијата „Бествеј Солушнс“ ќе биде дел од спонзорскиот тим на „црвено-црните“.
Со тоа почнува најавениот процес на финансиска стабилизација и создавање на спонзорски тим кој во иднина треба да му помогне на Вардар да се врати на врвот, во Македонија и во Европа.
Извршниот директор Борко Ристовски и сопственикот на „Бествеј Солушнс“, Ненад Стојкоски ја официјализираа соработката.
„Ни претставува огромна чест и задоволство да бидеме дел од спонзорскиот тим на двократниот европски шампион РК Вардар. Ја поздравувам идејата на клубот да ги вклучи легендите на македонскиот ракомет Борко Ристовски и Стојанче Стоилов во раководната структура на клубот. Верувам дека со оваа наша поддршка, ќе придонесеме РК Вардар да се врати каде што му е местото, а тоа е на врвот, изјави Ненад Стојкоски, сопственикот на компанијата.
„Бествеј Солушнс“ е партнер од доверба на водечка светска платформа за „iGaming“. Како нивен надворешен соработник, нуди беспрекорен микс на експертиза, иновации и силна поддршка.
Извршниот директор во клубот, Борко Ристовски најави уште нови спонзори кои треба да му помогнат на тимот во остварување на зацртаните цели.
„Благодарност до Бествеј Солушнс што ќе биде наш партнер во иднина и го препозна она што во клубот го правиме за враќање на Вардар на патот на успехот. Промените што почнаа во Вардар, и играчки и организациски, сега ги прошируваме и на другите полиња. Сигурен сум дека нашиот спонзорски тим што веќе почнавме да го создаваме ќе ни овозможи не само нормално функционирање, туку и исполнување на плановите во иднина. А тие се враќање на трофеите, враќање во европскиот ракометен крем и создавање на нови играчи. Секој почеток е тежок, но ќе ни биде многу полесно со поддршката што ја имаме од Бествеј Солушнс, и од другите спонзори што ќе додат во семејството на Вардар, изјави Борко Ристовски, извршниот директор на „црвено-црните“.
Екипата во моментов се подготвува во Маврово, по што ќе следуваат неколку контролни средби на меѓународниот турнир „Струга 2023“.
Потоа следува двомечот со Рајн Некар во квалификациите за Лига Европа.