Уште една НБА и европска кошаркарска ѕвезда ќе го пропушти претстојното Светско првенство (25 август – 10 септември). Центарот на Далас и германската репрезентација Макси Клебер нема да биде во тимот.

Причината е – конфликт со соиграч, можеби и повеќе.

Имено, во едно интервју, Германецот од редовите на Лејкерси (од Торонто ова лето) Денис Шридер ја доведе во прашање одлуката на Макси Клебер да го пропушти Мундијалот.

„Ја прифатив неговата одлука, но тој ја загуби мојата почит. Да имаше некоја друга причина, можеби нов договор, ќе беше сосема во ред“, изјавил Шредер.

Хаосот во германскиот тим продолжи со објавата на Макси Клебер , кој од 2017 година настапува за Далас Маверикс. Неговиот менаџер најави дека Макси ќе го пропушти СП.

„Почнав летово мотивиран за да се приклучам на Мундобаскетот. Сепак, некои несреќни и несоодветни коментари во јавноста за мене јасно ми ставија до знаење дека не сум прифатен во националниот тим“, вели Клебер.

Германија го освои бронзениот медал на последното Европско првенство, па се наметнува како една од репрезентациите за највисок пласман на Светското првенство. Сепак…

„Ќе бидам навивач. Немам веќе намера јавно да коментирам на оваа тема. И посакувам успех на репрезентацијата”, заклучува 31-годишниот играч на Далас.

Мундобаскетот започнува на 25 август, а Германија е во група со Финска, Австралија и Јапонија.