Иако Украина важи за фаворит на утрешниот евро-квалификациски натпреварот против Македонија, сепак селектор на Украинците, Сергеј Ребров смета дека тоа неговите избраници треба да го докажат на дело.

„По победата над Италија сите добро ја познаваат репрезентацијата на Македонија, така и ние. Но, прво мислам дека ние мора да се сконцентрираме на нашата игра и да ги поправиме грешките што ги направивме на пријателскиот натпревар со Германија. Последните натпревари покажаа дека македонската репрезентација е силен тим, а дали сме ние фаворити, тоа мора да го покажеме утре“, изјави украинскиот селектор.

Ребров очекува дека утре ќе биде тежок натпревар во кој првенствено мора да се сконцентрираат на својата игра

„Ние ја разбираме и знаеме силата на македонската репрезентација.
Утре очекувам поинаква игра, за разлика од дуелот со Германија. Пак ќе повторам, ние мораме и ќе се концентрираме на нашата игра и да, очекувам тежок натпревар утре подготвени сме за тоа“, додаде Ребров.

Натпреварот Македонија – Украина што ќе се игра утре на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје, ќе започне од 20 часот и 45 минути.