Тотенхем загуби на гостувањето во Бирмингем против Астон Вила 2:1 и ја заврши трката за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Астон Вила со својата 6-та победа во низа на „Вила Парк“ ја прекина низата од 12 натпревари без триумф на домашен терен против Тотенхем и влезе во трката за пласман во Куповите на Европа следната сезона.
Избраниците на Унаи Емери го отворија натпреварот уште во 8-та минута, кога по одличната асистенција на Леон Бејли, младиот Јакоб Ремзи ја затресе мрежата на противникот и му донесе водство од 1:0 на својот тим.
Во 25-тата минута Сон имаше стопроцентна прилика за погодок, но го погоди само дирекот од голот на Емилијано Мартинез. На паузата резултатот беше 1:0 за домаќинот.
Во второто полувреме Тотенхем се трудеше да изедначи, но сите надежи на играчите на Рајан Мејсон ги прекина Даглас Луис со својот прекрасен слободен удар во 72-та минута за 2:0.
Хари Кејн ги врати во живот неговите соиграчи во 89-тата минута, по одлично изведениот пенал за 1:2. Во „лудата“ завршница Сон го изедначи резултатот во седмата минута од судиското надополнување (90+7), но голот беше поништен и Астон Вила победи со 2:1.
По загубените три бода, Тотенхем се наоѓа на 6-тата позиција со 57 освоени бодови, додека Астон Вила со исто бодови е на седмото место.