Реал Мадрид со пораз од 4:2 на гостински терен против екипата на Жирона предводена од Тати Кастељанос, кој постигна 4 погодоци, се оддалечи од Барселона и е готово невозможно да се врати во трката за титулата во шпанската Ла Лига.

Во првото полувреме, и покрај прекрасната контрола на топка и фантастичните додавања од страна на избраниците на Карло Анчелоти, Жирона со головите на Кастељанос (во 12-та и 24-та минута) поведе со 2:0.
Голот на Винисиус по одличното нафрлување на Марко Асенсио во 34-та минута ја намали негативата на Реал Мадрид на 1:2. Во соблекувалната гостите заминаа со еден гол негатива.

На самиот почеток од вториот дел, во 46-та минута, Кастељанос го комплетираше својот хет-трик и екипата на Мичел повторно имаше 2 гола предност (3:1).

Одличната вечер на Кастељанос продолжи и со 4-ти погодок во мрежата на Андриј Лунин во 62-та минута за 4:1. До крајот „кралевите“ успеаја само да ја намалат предноста на 2:4 со голот на Лукас Васкез во 85-та минута. Крајниот резултат беше 4:2.

По овој пораз Реал со 65 освоени бодови останува на 11 бодови зад водечката Барселона која има 76, но и натпревар помалку.

Во следното коло „кралскиот клуб“ на домашен терен ја пречекува Алмерија, додека Жирона и гостува на Севиља.