Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија денеска во Скопје ги започна подготовките за претстојното Европско првенство – ЕХФ ЕУРО 2026. Првиот собир на националниот тим се одржа во хотелот „Three Corner“, со што официјално стартуваше завршната фаза пред континенталниот собир.
Селекторот Игор Марковиќ на првиот ден имаше на располагање 15 ракометарки. Составот ќе се комплетира утре, кога на репрезентацијата ќе ѝ се приклучат Сара Ристовска, Марија Јанкуловска и Ивана Џатевска.

Македонските ракометарки ќе тренираат во Скопје до среда, по што експедицијата заминува за Турција. Од 27 до 29 ноември, нашата селекција ќе настапи на меѓународен подготвителен турнир во Анкара. Таму избраничките на Марковиќ ќе одиграат контролни натпревари против домаќинот Турција, Италија и Финска. Овие дуели ќе послужат за финално воигрување и темпирање на формата пред главниот предизвик.
На Европското првенство, кое се одржува во Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција, Македонија е дел од групата Б.
Натпреварите од оваа група ќе се играат во романскиот град Клуж-Напока. Противници на македонската селекција ќе бидат домаќинот Романија, Швајцарија и актуелниот европски шампион Норвешка.





























