Српскиот стратег Дејан Мијатовиќ е новиот шеф на стручниот штаб на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром. Управата на актуелниот македонски шампион денеска го официјализираше договорот со искусниот 58-годишен стручњак. Тој во Скопје пристигнува заедно со својот помошник Иван Дробњак.

    Новиот тренерски тандем седнува на клупата на „сино-белите“ како наследник на Васко Атанасов, со кого соработката беше прекината пред три недели. Мијатовиќ доаѓа во деликатен момент за аеродромци. МЗТ запиша осум порази на последните десет натпревари во Супер лигата, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот. Негова главна задача ќе биде брзо да ја стабилизира екипата и да го врати тимот на победничкиот колосек.

    Роден во Чачак, Мијатовиќ зад себе има богата кариера. Последниот ангажман го имаше во Борац Чачак од 2022 до 2024 година.

    Како главен тренер претходно ги предводеше и Ловќен, ОКК Београд и полскиот прволигаш Баскет Познањ. Големо европско и регионално искуство стекна и во стручните штабови на Партизан, ФМП Железник, Хемофарм, германска Алба Берлин и Олденбург. Со ФМП и Партизан го освои Купот „Радивој Кораќ“, а бележи и значајни успеси на репрезентативен план во младинските категории. Во 2006 година освои европско злато како помошник во У20-селекцијата на Србија и Црна Гора. Една година подоцна, како селектор на јуниорската репрезентација на Србија се искачи на европскиот трон на првенството во Шпанија.

    Дебито на клупата на МЗТ Скопје Аеродром се очекува да го има веќе овој викенд, на домашниот дуел против Штип.