Фудбалска репрезентација на Македонија вечерва во Скопје ја пречекува Словенија во последното коло од групната фаза во УЕФА Лигата на нациите. Македонскиот национален тим ќе се обиде со победа да го затвори овој циклус и да ги освои првите бодови.
Нашата селекција се соочува со тешка резултатска криза која трае веќе 14 месеци. Последната победа македонската фудбалска репрезентација ја оствари на 7 септември 2025 година во Скопје против Лихтенштајн (5:0) во квалификациите за СП 2026. Македонија не знае за триумф на последните 13 натпревари во низа. Во овој сушен период, нашите фудбалери запишаа 8 порази. Под водство на Гоце Седлоски, црвено-жолтоте на 9 натпревари се без победа, со биланс од 7 порази и 2 ремија (гол-разлика 1:20). Единствениот гол во цела 2026 година го постигна Растодер во петокот во Глазгов, против Шкотска.
Селекторот Гоце Седлоски најави дека тимот мора да тргне поофанзивно и да ги користи шансите за освојување три бода. Дарко Чурлинов порача дека со исполнување на селекторските задачи на теренот, посакуваниот резултат против сигурно ќе дојде. Словенија е компактна селекција која во Скопје доаѓа по бодови кои значат прогрес во следната фаза на ова натпреварување.
Македонија подобра во меѓусебните дуели
Традицијата во меѓусебните пресметки е на страна на Македонија, што претставува силен мотив за вечерашниот натпревар во Скопје. На досегашните осум одиграни средби, Македонија прославила четири победи, а два натпревари завршиле без победник. Словенците имаат само два триумфа против нашиот национален тим, вклучувајќи го и септемврискиот од 2:0 во Љубљана.
Посебно охрабрува податокот што македонската репрезентација никогаш не загубила од Словенија на домашен терен. На четирите гостувања во Скопје, словенечкиот состав претрпел три порази и извлекол само едно реми во 2021 година. Пред македонската публика славевме со 2:0 во 1994, со 3:2 во 2012 и со 2:1 во октомври 2019 година.
Како ќе биде вечерва останува да видиме во натпреварот што ќе се игра на арената „Тодор Проевски“, а ќе почне од 20.45 часот.



































