Сојузот на спортови на Скопје ги додели традиционалните спортски награди „13 Ноември“. Свеченоста за 57. издание на манифестацијата се одржа во СЦ „Јане Сандански“.
Престижната награда за животно дело му припадна на кошаркарскиот стратег Марин Докузовски. Тој е поранешен професионален кошаркар и најуспешен селектор на македонската репрезентација. Под негово водство Македонија го освои историското четврто место на Евробаскет 2011.

На свеченоста беа доделени вкупно девет признанија за македонските спортски работници. За најдобар спортист е прогласен македонскиот репрезентативен каратист Матеј Белистојаноски. Признание доби и професорот по физичко образование Дејан Боневски. Меѓу лауреатите се и меѓународните ракометни судијки Силвана Карбеска и Марија Илиева.
Наградата „13 Ноември“ му припадна и на спортскиот новинар Сашо Кузмановски. Добитник на високото спортско признание е и истакнатиот спортски работник Ирена Митровска.
За посебни достигнувања награден е и познатиот спелеонуркачки клуб „Врело“. Листата на наградени ја комплетира карате-тренерот и селектор Александар Кузмановски.
Овие спортски награди традиционално се доделуваат во чест на ослободувањето на Скопје.




































