Македонскиот ракометен првак Вардар денеска ќе го игра четвртиот натпревар во лигата на шампионите.

Вардарци се пред исклучителен голем предизвик. Тие ќе гостуваат во полска кај тимот на Висла Плоцк во натпревар од четвртото коло.

Со истиот противник македонскиот шампион играше минатиот четврток во Скопје каде загуби со 26-32.

Затоа полскиот тим на денешниот дуел ја има улогата на фаворит, вели тренерот на вардарци Иван Чупиќ.

„Кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да одиграте подобро. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нејзин терен. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за напредок во нашата игра, и во одбраната и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме добар и квалитетен натпревар.

Сакаме повторно да се претставиме во добро светло во Лигата на шампионите. На преостанатите три натпревари, исто како и на првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за првите бодови и за првата победа“ изјави Чупиќ.

Македонскиот шампион е последен на табелата со три порази додека останатите три екипи имаат по два-триумфи и еден пораз . Потсетување дека само двете првопласирани екипи ќе продолжат во следната фаза на лигата на шампионите.

Вечерашниот натпреварот помеѓу Висла Плоцк и Вардар ќе почне од 20:45 часот.