Игор Стефановски – Иџе е подготвен за последниот предизвик во сезоната. Овој викенд, од 18 до 20 септември, Бузет, Хрватска, ќе биде домаќин на големото финале на FIA Европскиот шампионат на ридски патеки (FIA EHCC).

По одличниот настап и успешниот старт со новиот прототип „Нова прото” во Словенија, Иџе сега го насочува фокусот кон култната трка 45 „Бузетски дани“ 2026, која традиционално привлекува голем број врвни европски возачи.

Официјалната листа на пријавени брои дури 242 возачи. Во Категорија 2, во која од оваа сезона настапува Иџе со новиот болид, се пријавени најдобрите имиња од европската елита.

„Очекуваме добар резултат и сакаме таму да ја продолжиме оваа убава европска приказна. Бузет има посебно место во мојата кариера”, вели Иџе, кој со нетрпение го очекува настапот.

Стефановски ветува спектакл за верната публика во Бузет.

Бузет има посебно значење за неговата кариера. Токму на оваа патека минатата сезона Иџе ја возеше својата 200-та трка во кариерата, а сезоната во FIA Европскиот шампионат на ридски патеки ја заврши со одлично трето место во Група 1.

Оваа година предизвикот е уште поголем. Со преминувањето на Ново прото, Игор Стефановски – Иџе и официјално се пресели во Категорија 2, најпрестижната и технолошки најнапредната категорија во европскиот автомобилизам на ридски патеки.

Последниот викенд од европскиот шампионат носи нова битка, силна конкуренција и уште еден спектакл на легендарната патека во Бузет. Иџе е подготвен. Бузет и неговата публика го очекуваат. Македонија ќе има нова шанса да навива за својот шампион.