Игор Стефановски – Иџе викендов го има својот прв официјален настап со новиот болид, отворајќи ново поглавје во својата европска тркачка приказна. Иако Иџе претходно го тестираше болидот, Илирска Бистрица е неговото вистинско „огнено крштевање” во живо, лице в лице со европската елита.

На претпоследниот викенд во рамките од Европскиот шампионат на ридски патеки во Словенија, ќе се случи првото сериозно мерење на новиот болид. Иџе на оваа трка настапува во најпрестижната и најбрзата категорија на Европскиот шампионат. Категорија 2, категоријата на болиди и прототипи, која ги обединува најбрзите машини на ридските патеки.

Ова е историска сезона за него бидејќи по трите европски титули во Категорија 1 со затворени автомобили, Иџе направи огромен чекор напред. Тој сега вози ултрамоќен, специјално конструиран прототип „Nova Proto NP01“, често нарекуван и Норма, чија технологија е блиска до болидите од Формула.

„Словенија ќе биде мојот најнов предизвик. Ќе се тркам со мојот нов болид. Сакам да ги почувствувам неговите перформанси. Затоа и одлучив да тркам вo Илирска Бистрица. Патеката e интересна, важи за една од најпрепознатливите и можам слободно да кажам дека ми лежи. Словенците со години докажуваат дека се одлични организатори, што трките ги прави особено интересни и за публиката и за натпреварувачите. Голема е бројката на пријавени учесници во сите категории, смета Стефановски

Toj не ја крие возбудата и адреналинот дека прави историски чекор.

„Влегувањето во нова категорија, ќе бара и сосема поинаков стил на возење, огромна физичка подготвеност и максимална концентрација“, вели Стефановски.

Трката се вози на познатата патека Илирска Бистрица – Шембије, која е со должина од 5.010 метри и важи за исклучително брза. И годинава листата на учесници е импозантна, пријавени се 242 натпреварувачи.