Американскиот кошаркар Лесли Ворнер (28 години, 201 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје. Тој денеска официјално стави потпис на договорот со македонскиот шампион и куп победник.

Станува збор за крилен кошаркар, кој зад себе има богато европско искуство. По четирите години минати на Универзитетот Рио Гранде, првиот ангажман на Стариот континент го имаше во австриски Грац во сезоната 2021/22, која ја заврши во редовите на британски Њукасл. Потоа настапуваше за Капфенберг (Австрија), Славија Прага и Усти над Лабем (Чешка), Короивос (Грција). Минатата сезона ги бранеше боите на литванскиот прволигаш Јонава. Важи за одличен поентер и скокач, поради што често натпреварите ги завршува со дабл-дабл учинок.

Ворнер е третото интернационално засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по сонародникот Ноа Фарахан и босанскиот центар Емир Крајиниќ. Договори со клубот имаат и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, a повратници се Лука Стојановски и Никола Василевски.

Во сезоната што следува МЗТ Скопје ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.