Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија.
Црногорецот, Марковиќ зад себе има богата и успешна кариера како играч, со настапи во сениорската репрезентација на Црна Гора настапуваше од 2007 до 2018 година. Четири години по ред (2010–2013) беше прогласуван за најдобар ракометар на Црна Гора.
„Со големо задоволство го поздравуваме доаѓањето на Игор Марковиќ на селекторската позиција на женската сениорска репрезентација на Македонија. Станува збор за тренер кој зад себе има богато играчко и тренерско искуство, а неговите резултати и професионален пристап се потврда за неговите квалитети.
Пред нас е исклучително важен период – не очекуваат настапите на Трофеј Македонија, како и подготовките за претстојното Европско првенство. Верувам дека заедно со стручниот штаб и ракометарките ќе изградат силен и конкурентен тим кој достојно ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена.
На Игор Марковиќ му посакувам успешна работа,среќа и заеднички да се радуваме на нови успеси на женската сениорска репрезентација на Македонија“, изјави претседателот на РФМ; Александар Стефанов.
По завршувањето на играчката кариера во 2022 година, Марковиќ целосно се посвети на тренерската работа. Најнапред беше ангажиран во женските младински национални селекции на Црна Гора. Тој ја предводел Црна Гора, во 2023 година до 6.место на Европското првенство. Во 2024 година ја предводеше репрезентацијата на Светското младинско првенство во Скопје, а истата година направи и значаен исчекор во својата тренерска кариера со ангажман во романскиот гигант Рапид Букурешт. Таму беше именуван за помошен тренер и прв асистент на шпанскиот тренер Давид Хинеста Монтес. Во клубот, кој настапува во ЕХФ Лигата на шампионите, Марковиќ работеше со врвни европски ракометарки,стекнувајќи драгоцено меѓународно тренерско искуство.
„Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме се подобри. Пред нас е Европското првенство, а претходно не очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија“, изјаво новиот селектор на женската репрезентација на Македонија, Игор Марковиќ.
Неговиот тренерски пристап се темели на дисциплина, посветеност, цврста одбрана, тимски дух и развој на победнички менталитет, квалитети кои му донесоа значајни резултати и меѓународна афирмација.


































