Македонскиот првак Вардар, по само два одиграни натпревари, го заврши настапот во елитната Лига на шампиони. Вардарци не успеаја да го минат првото квалификациското коло, откако два пати беа поразени од финскиот КуПС.

Во Скопје, Вардар пред своите навивачи загуби со 0-2, а попладнево на гостувањето во Финска победи со 2-3 по продолженија (0-2). Иако за разлика од првиот дуел, Вардар одигра подобро во реваншот, сепак тоа не беше доволно да се мине финскиот тим.

А, првата нешто по конкретна шанса ја имаше токму македонскиот шампион, преку Николов кој од 20-мести биеше крај голот. Многу среќа вардарци имаа во финишот на првиот дел, односно 43-тата минута. Лошиот обид на Велковски да ја врати топката назад, за среќа по вардарци не го казни Боб Арма кој биеше над голот на Талески.

Во вториот дел, односно 59.минута, по едно уфрлање во шеснаесетникот на КуПС, домашниот фудбалер Магаса кој беше во дуел со Омерагиќ, ја зафати топката и си постигна автогол. Се обиде да спаси и Саволаинен, но вардарци сепак поведоа со 0-1.

Во 88.минута по еден прекршок над Родригез и прегледувањето на ВАР снимката, беше досуден пенал за Вардар. Захариќ ја презеде одговорноста и реализира за 0-2. Со тој резултат Вардар ја анулира негативата од првиот меч и се избори за продолженија.

А, во нив, домашниот тим прв постигна гол. Во 100-тата минута, Арма намали на 1-2, а само 90-тина секунди подоцна Аргентинецот, Пулејо, пак му донесе два гола предност на Вардар (1-3). Но и тој резултат не остана долго на семафорот. Во 105-минута Паржишек од пенал, намали на 2-3.

Сепак, немаа сили вардарци за трет погодок, па денешната победа остана пирова, без ефект и пласман во следната рунда.

И покрај елиминацијата од Лигата на шампионите, сепак македонскиот првак останува на европската сцена. Вардарци ќе играат во 2.коло од квалификациите за Конференциската лига. Противник ќе биде подобриот од двомечот Арарат, Ерменија и Рига, Летонија (2-0 прв натпревар).

Следете нé на социјалните мрежи