Македонија го почнува утрото и новиот месец со европски шампион. Тимот на ГРК Охрид е новиот првак во ракометниот Европски куп.
Клубот што се врати на ракометната мапа во 2011 година, за кратко време се издигна на највисокото место на пиедесталот. Двете победи во финалето над унгарската Татабања, го вивнаа Охрид во европските височини.
Македонија единствена со две последователни титули
Но, тоа не е само успех на ГРК Охрид, туку е успех и за ракометна Македонија.
По минатогодишниот триумф на Алкалоид во истото натпреварување, Охрид е го задржа трофејот во ова натпреварување, во нашата земја. Со тоа Македонија стана и првата земја која две години во низа имала шампион во ова натпреварување.
Воедно Македонија е на делба на четвртото место со Данска, Србија, Шведска, Грција и Норвешка, земји кои имаат најмалку два трофеи. На врвот е Романија со седум титули, Германија (шест) и Португалија (три).
Сигурно дека Охрид тука нема да застане, бидејќи амбициите сега се уште поголеми, но и обврската од освоениот трофеј.
Охриѓани добија заслужени честитки од ривалите
Успехот на охриѓани го поздравија и нивните најголеми македонски ривали.
Од редовите на шампионот Вардар напишаа дека, уште еднаш охиѓани покажаа дека ракометот е спорт број 1 во Македонија! Вицепрвакот Еурофарм Пелистер кој со ист број бодови како и Охрид заврши на второто место, потенцира дека ова е национален успех. Од тимот на алкалоид им посакаа на охриѓани добредојде во друштвото на шампионите.
Охрид покрај своите природни убавини, историско наследство, сега е впишан со големи букви и во историјата на ракометна Европа.

































