Дерби дуелот на денот од 2.коло на Лигата на шампоните. се одигра во Мадрид, каде гостуваше англискиот Манчестер Јунајтед. На задоволство на домашната публика триумф славеше Атлетико со 2-0.
Двата гола се премалку, за она што го понудија фудбалерите на двете екипи, а реално можеше да има барем уште 3-4.
Натпреварот започна експлозивно со ран погодок за домаќините уште во првата минута. Пабло Бариос одлично прими додавање од соиграч и рутински ја смести топката во мрежата за почетно водство.
Овој ран шок ги поремети плановите на англискиот тим, кој иако создаде неколку зрели шанси за израмнување, сепак не успеа во тоа.
Ситуацијата за „црвените ѓаволи“ дополнително се влоши во 74. минута од средбата. Лени Јоро доби директен црвен картон по прегледувањето на ВАР снимката поради остар старт.
Бројчаната предност Атлетико Мадрид ја искористи само пет минути подоцна за конечна потврда на триумфот. Адемола Лукман одлично се снајде во казнениот простор и ја закова топката во средината на голот.



































