Кошаркарите на МКК Куманово се подготвуваат за дуелот со МЗТ Скопје Аеродром во Суперкупот „Драган Василов – Цевка 2026“.
Репрезентативецот Стојан Ѓуроски очекува голема поддршка од домашните навивачи и верува во триумф пред кумановската публика.
Натпреварот ќе се одигра в сабота, 26 септември, со почеток во 18 часот, во спортската сала во Куманово. Средбата ќе биде дел од прославата на големиот јубилеј на кумановската кошарка.
Кумановци ќе се обидат да го изненадат актуелниот македонски шампион и да стигнат до трофејот. Ѓуроски е свесен за квалитетот на противникот, но смета дека неговиот тим има можност за победа.
„Не очекува исклучително тежок натпревар, против квалитетен противник кој добро го познаваме. Годинава има промени во ростерот, но знаеме дека станува збор за сериозна екипа која ќе настапува на три фронта.
На нас е да го дадеме максимумот. Доколку го дадеме, мислам дека имаме шанси да стигнеме до посакуваната победа“, вели Ѓуроски.
Кумановскиот кошаркар посебно ја истакна важноста на поддршката од трибините. Очекува натпреварот да прерасне во вистински празник за македонската кошарка, во градот кој слави значаен јубилеј.
„Мислам дека е битно во сабота да биде еден голем празник на македонската кошарка. Суперкупот се одигрува во Куманово, а Куманово слави голем јубилеј. Мислам дека ќе биде одлична пригода заедно да прославиме.
Очекувам голема поддршка од „Кумани“, очекувам голема поддршка од целиот град. Се надевам дека салата ќе биде исполнета до последното место и дека на крајот од денот ние ќе дојдеме до посакуваната цел – победата“, порача Ѓуроски.
За МКК Куманово ова ќе биде можност сезоната да ја започне со трофеј, но предизвикот ќе биде сериозен. МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде да ја оправда фаворитската улога и да го освои Суперкупот.
Суперкупот „Драган Василов – Цевка 2026“ е закажан за сабота, со почеток во 18 часот, во спортската сала во Куманово.


































