Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Гоце Седлоски, на денешната средба со новинарите ги искажа своите очекувања за новиот циклус натпревари во Лигата на нациите.
Македонија ќе игра против Швајцарија, Шкотска и Словенија, а селекторот посака да се победи на сите натпревари, но…
„Реално со какви репрезентации играме, мислам дека можеме да си носиме Шкотска и со Словенија, тука, отскокнува малку Швајцарија. Ги гледав сите нивни натпревари на Светско првенство“, изјави Седлоски.
Неговите очекувања се дека Македонија ќе покаже поголем карактер, отколку на последните четири натпревари, на кои немаше постигнато гол.
„Можеме да очекуваме добра игра, борба на секој натпревар, залагање и максимална концентрација на сите натпревари кои во овој краток период за 10 дена играме четири натпревари.
Повикав 25 играчи и три голмани. Направив некој промени во составот, Сакам да спојам млади играчи и искуство. Нормално за никој не е затворена вратата тука во репрезентација“, истакна Седлоски.
Инаку фудбалската репрезентација на Македонија, под водство на Седлоски веќе одигра четири натпревари, на кои не постигна ниту еден гол. На новинарското прашање на оваа тема селекторот одговори.
„Задоволен сум од напаѓачите, нормално, и се надевам дека баш против Швајцарија ќе проработат“.
Првиот натпревар Македонија ќе го игра на 26 септември во Скопје, против Швајцарија, а потоа на 29-ти и гостува на Словенија.






































