Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за претстојното Европски шампионат. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски официјално се собраа во хотелот „Монтана“ во Крушево.

На првата прозивка се појавија речиси сите репрезентативци, со исклучок на средниот блокер Филип Савовски. Тој ќе и се приклучи на екипата на вечерниот тренинг.

Искусниот стратег Јошко Миленкоски веднаш ги истакна високите очекувања и побара максимална дисциплина од сите одбојкари.

„Мојата методологија на работа е добро позната за секој од вас. Барам професионален однос, сериозност и посветеност. Тука сме да направиме резултат, а тоа значи сѐ друго да биде во втор план, целиот фокус да биде на одбојката. Ќе имаме обврска да го поминеме целиот материјал повторно, за да нема никакво недоразбирање за нашиот систем, тактика и дисциплина.

Сето она што го имаме како наша игра треба да го потврдиме и надоградиме. На ЕП нема да одиме како аутсајдери, имаме цел да постигнеме резултат и таргет репрезентации на кои ќе посветиме доволно внимание во текот на подготовките. Во Крушево ќе бидеме 11 дена, и ќе одработиме 20 тренинзи со посебно внимание на физичката подготовка и индивидуалната техника. Потоа продолжуваме со работа во Скопје. Имаме 35 дена до стартот на ЕП и ќе имаме забрзано темпо на работа, но со дозиран интензитет и верувам дека подготвени ќе го дочекаме првенството“, истакна селекторот Миленкоски.

Репрезентативците во Крушево беа поздравени и од раководството на Одбојкарската федерација на Македонија. Потпретседателот Ивица Хаџи Иљоски и генералниот секретар Филип Деспотовски му посакаа успешен подготвителен период на тимот.

Потпретседателот Хаџи Иљоски исто така испрати јасна порака и поддршка до националниот тим.

„Добредојдовте и Ви благодарам што го прифативте повикот. Посебно задоволство ми е што екипата е во истиот состав како претходно, што Миленкоски, како наш најтрофеен стратег ќе не предводи на уште едно Европско првенство и што ја задржавме компактноста. Реални сме, не гаиме илузии и свесни сме за силината на противниците со кои ќе се соочиме на ЕП, но искрено се надевам на успех и верувам дека доколку ни се прижи шанса за пласман во втората фаза ќе ја искористиме. Екипата има искуство и добро знае што значи да се игра на ЕП и поради тоа не се сомневам дека секој од вас ќе даде максимум. Ви посакувам успешни подготовки и сите здрави да го дочекате почетокот на ЕП“, изјави Хаџи Иљоски.

Македонските одбојкари на 7 септември патуваат за Софија, каде два дена подоцна против домашната Бугарија го отвораат настапот на ЕвроВолеј 2026.

Покрај Бугарија, пртоивници на Макеоднија во групата „А“ ќе бидат и селекциите на: Украина, Полска, Португалија и Израел, редоследно.