Македонската одбојкарска репрезентативка Ерјона Јонузи во новата сезона ќе настапува за словачкиот шампион Слован Братислава.
25-годишната тетовска потпиша договор со актуелниот првак, по успешните две сезони во тимот на Нове Место.
Искусниот организатор на играта ја започна својата кариера во Шкендија, а потоа градеше меѓународно искуство во Турција. Во македонското првенство го носеше дресот на Универзитетот во Тетово и Работнички, каде како капитен освои домашни трофеи. Со екипата на Работнички стекна значајно искуство во Челинџ купот и квалификациите за Лигата на шампионите.
Покрај одличните клупски настапи, Јонузи е и стандардна членка на македонската национална селекција.
„Доаѓањето во Слован Братислава ми значи многу. Голема чест е да станам дел од актуелниот словачки шампион, а воедно е и уште еден важен чекор во мојата кариера.
Со нетрпение го очекувам овој предизвик и едвај чекам да ја започнам новата сезона со тимот“, изјави Јонузи.
Во редовите на Слован ја очекуваат нови предизвици и претстоен меѓународен дуел против Будуќност Подгорица. Со ова засилување, словачкиот гигант ги потврдува своите високи амбиции за освојување на сите домашни трофеи.



































