Македонската машка младинска кошаркарска репрезентација (У20) оствари убедлив триумф на Европското првенство Дивизија Б во Братислава.
Нашите кошаркари ја згазија селекцијата на Грузија со конечен резултат 97:62 во првиот дуел од разигрувањето.
Избраниците на селекторот Никола Велев уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам и игра. По првата четвртина Македонија имаше предност од 22:16. Одличниот колективен пристап во играта донесе максимална предност од дури 20 поени во текот на втората четвртина. На полувремето резултатот гласеше 53:35.
Нашите младинци продолжија со истото темпо и по големиот одмор, па предноста брзо порасна на 68:42. Прашањето околу победникот беше дефинитивно решено уште пред почетокот на последната четвртина од овој натпревар.
Дури петмина македонски репрезентативци го завршија овој дуел со двоцифрен ефект зад своето име.
Најефикасен беше Марко Луканоски кој постигна 16 поени и додаде уште шест скока. По 13 поени постигнаа Трајанов и Димитриев, додека Марјановиќ и Младеновски додадоа по 11 коша.
Со оваа победа Македонија обезбеди пласман во борбата за позиција од 9 до 12 место. Следен противник на македонските кошаркари ќе биде подобриот од дуелот меѓу Холандија и Кипар.































