Во Маврово се одржа четвртото издание на велосипедската тура ,,МТБ Маврово 2026”, се во организација на ГВ МТБ Клуб. Оваа успешна ,,приказна” прераснува во еден од најголемите рекреативни велосипедски настани во Македонија.
Стотици велосипедисти од целата држава учествуваа на турата, поминувајќи низ дел од најубавите природни предели што ги нуди Националниот парк Маврово. Патеката ги водеше учесниците покрај бреговите на Мавровското Езеро, низ густите зелени шуми и планинските предели под Бистра, каде што природата во овој период од годината го покажува својот полн сјај.
Посебно впечатлив дел од турата беа пространите галички пасишта, од каде се отвораат панорамски погледи кон Мавровското Езеро и околните планински масиви.
Учесниците имаа можност да уживаат во недопрената природа, чистиот планински воздух, бројните планински потоци, вирови и богатото зеленило кое го прави овој крај еден од најатрактивните во Македонија.
ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ УЖИВАА ВО МАВРОВСКАТА УБАВИНА
Настанот, покрај спортско-рекреативниот карактер, носи и порака за промоција на здравите животни навики, активниот престој во природа и подигнување на свеста за зачувување на природните богатства.
Токму затоа МТБ Маврово секоја година привлекува сè поголем број учесници кои покрај спортскиот предизвик сакаат да ги доживеат и природните убавини на мавровскиот регион. Од најмладата возраст, па се до оние кои наближуваат до седмата деценија, придонесоа се од себе, оваа манифестација да не познава возрасни граници.
Најголемиот дел од ,,маунтин-бајк” клубовите кои егзистираат во Македонија беа дел од спектаклот. Но, имаше и поединци и групи кои не се дел од клубовите, а сепак учествуваат во оваа манифестација редовно. Таква беше и ,,одбраната” екипа на Клиниката ,,Жан Митрев” составена во врвни доктори и медицински персонал, кој покажаа и завидно спортски-натпреварувачко ниво.
Од ГВ МТБ Клуб истакнуваат дека нивната цел е преку вакви настани да придонесат кон развојот на велосипедизмот, рекреацијата и активниот туризам, но и да ја доближат природата до што поголем број луѓе.
Големата посетеност и позитивните реакции од учесниците уште еднаш потврдија дека МТБ Маврово е препознатлив настан кој успешно ги спојува спортот, дружењето и љубовта кон природата, претворајќи го Маврово во вистински центар на велосипедските случувања во Македонија.
Редакцијата на Спорт плус Македонија, со големи импресии се врака од оваа прекрасна спортски-рекресрувна манифестација, со ветување дека во иднина, за вакви и слични настани, ќе одвојуваме многу поголем простор, за афирмација и презентација.


































