Одбојкарките на Работнички ја впишаа првата победа во финалето од плеј-офот против Наковски волеј. Во мечот број 2, одигран попладнево во Скопје, Работнички славеше со 3:1 и го израмни резултатот на 1:1 во победи.
По првиот сет рамноправно се играше до средината кога гостинките водеа со 14-15. Со серија од 5-0, домашните одбојкарки поведоа со 19-15. Иако струмичанки дојдоа на поен негатива, сепак таа предност се покажа како повеќе од доволно, Работнички да го добие сетот со 25-21 и поведе со 1:0.
Вториот сет подобро го почнаа гостинките кои направија четири поени предност, односно поведоа со 4-5. Иако домашните одбојкарки во неколку наврати дојдоа на еден негатива, сепак тимот наковски волеј не само што ја сочува туку ја зголеми предноста. Имаа предност и од осум поени струмичанки кога водеа со 12-20. Ваквата предност избраничките на Хари Наковски знаеја како да ја искористат го приведоа сетот во своја полза со убедливи 14-25, и израмнија на 1:1 во сетови.
Третиот сет почна со три врзани поени за одбојкарките на Работнички. Предноста од два-три поени домашните одбојкарки ја одржува се до финишот на сетот. Тогаш струмичанки ја презедоа контролата на играта, врзаа пет поени во низа и поведоа со 19-22. Скопјанки успеаја да го надополнат тоа и да израмнат на 23-23. Имаа гостинките сет топка (23-24), не ја искористија, а Работнички го казни тоа и го доби сетот со 26-24 за водство од 2:1.
Драма со пресврт за меч на Работнички
Тимот на Наковски волеј одлично го стартуваше четвртиот сет и поведе со 1-9. Следуваше голем пад во играта на струмичанки, а тоа тимот на Работнички знаеше како да го казни и да стигне до израмнување 9-9. Повторно гостинките беа оние што ја наметнаа својата игра и поведоа со 13-19, а потоа и 16-22. Но, за да има нова драма се погрижија домаќинките со пет везени поени за 21-22. Првото израмнување во сетот дојде на 23-23. Тоа даде дополнителен мотив на домашните одбојкарки кој го добија и следните два поени за 25-23 и конечни 3:1 во сетови.
Сега резултатот во финалната серија која си игра на три добиени мече е израмнета на 1:1 во победи. Следниот натпревар на програмата е во понеделник во Струмица.

































