Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер го одигра првото „реми“ сезонава во Лигата на шампионите. Во натпревар од 12.коло на Б групата, а на гостувањето во Данска, пелистерци против ГОГ Гудме одиграа нерешено 28-28.

Ова беше директен дуел со ривалот за место на пелистерци во разигрувањето, па сега на битолчани им остануваат уште два меча.

Што се однесува до натпреварот, од самиот почеток ГОГ ја наметна својата игра. Најголемата предност изнесуваше пет голови 13-8. Данскиот тим ја сочува и за паузата меѓу двете полувремиња замина со четири позитива 15-11.

И во второто полувреме домаќините имаа +5 (16-11). Зелено-белите постојано ја бркаа таа негатива. Во 51.минута ја искористија втората шанса за израмнување, и тоа со прекрасниот цепелин на релација Кузмановски – Манасков. Пелистер израмни на 24-24, а потоа се разбрани и Митревски, па веќе во следниот напад Пелистер дојде до првото водство 24-25. Имаше шанса и за +2 македонскиот шампион, но не ја искористи. Во последните 45,секунди, при резултат 27-27 Грахоцав заработи црвен картон, и им овозможи на Данците да постигнат гол за водство 28-27. Со седмиот погодокот на Видимски (најефикасен), Пелистер успеа да израмни на 28-28. Имаа седум секунди домаќините да дојдат до победа, но не успеаја да постигнат гол.

Така разликата меѓу Пелистер и ГОГ останува 4 бода, а данскиот тим поради победата во Битола, во случај на ист број бодови на крајот, ќе заврши пред пелистерци.

До крајот на сезоната (групната фаза) пелистерци ќе одиграат уште два натпревари. Следната среда 4 март, Еурофарм Пелистер го пречекува ПСЖ во последниот меч пред својата публика, а потроа на 11 март и гостува на Барселона.