Баскет Кам ја оправда фаворитската улога и обезбеди место во финалето на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ во женска конкуренција, совладувајќи го тим на МЗТ Бела вода со 74:63 во Македонска Каменица.
Натпреварот започна со предност за гостинките, кои ја добија првата четвртина со 25:23, но домашниот состав брзо ја презеде контролата. Во вториот период Баскет Кам блесна во одбраната, дозволувајќи само шест поени и стекнувајќи двоцифрена предност (38:27), која ја задржа и на полувремето (42:31).
Во третата четвртина предноста се зголеми на 59:45, а на стартот на последниот период достигна највисоки +16 (61:45). МЗТ Бела вода се врати со серија од 9-2 и намали на 61:54, но тајм-аутот на тренерот Тони Симиќ ја стабилизира играта на фаворитот, кој сигурно го приведе мечот до крај.
Кметовска беше најзабележителна со импресивен дабл-дабл од 23 поени и 21 скок, дополнети со седум асистенции. Димова постигна 14 поени и пет скока, Поп Димитровска имаше 14 поени со десет асистенции и четири скока, а Максимовска додаде 12 поени со шест скока и пет асистенции.
Кај МЗТ Бела вода, Алексова се истакна со 21 поен, пет скока и три асистенции, Херд реализираше 14 поени со осум скока и четири асистенции, а Милосављевиќ заврши со 13 поени и шест скока.
Со оваа победа, Баскет Кам шести пат во низа обезбеди финале во Купот во кое за противник ќе го има подобриот од дуелот Бадел – Крива Паланка.



































