Арсенал повторно ја потврди својата сила во Англискиот Лига Куп и по втор пат по ред обезбеди место меѓу четирите најдобри екипи.

На „Емирати“ во Лондон, тимот на Микел Артета славеше против Кристал Палас во драматично четвртфинале кое заврши со пенал рулет и победа од 8:7. Регуларниот дел заврши со по еден постигнат гол (1:1).

Иако „топчиите“ беа доминантни во најголемиот дел од натпреварот и создаваа повеќе прилики, водството дојде дури во 79-тата минута, кога несреќниот Лакроа ја затресе сопствената мрежа. Сепак, Палас не се предаде и во петтата минута од судиското продолжение Геје успеа да израмни и да го однесе дуелот во пенали.

Во серијата од осум удари од белата точка, токму Лакроа повторно беше трагичар, откако не успеа да реализира за гостите, па Арсенал ја искористи шансата и обезбеди полуфинале. Навивачите на Арсенал со оваа победа добија нова причина за оптимизам дека нивниот тим може да стигне до трофејот.