Екипата на Вардар ја оправда улогата на апсолутен фаворит во дуелот од „фенерџијата“ Шкупи. Вардарци во натпреварот од 15.коло на Првата лига, славеа над Чаирчани со 6-1.

Тотална иницијатива имаа избраниците на Седлоски, а гостите долго време одолеваа на вардаровите напади.

Конечно во 37 и 38.минута иницијативата на вардарци беше крунисана со двата гола на Горан Закариќ. Тоа беше резултат по првиот дел, а во вториот, на вардарци им требаа нецели две минути да постигнат гол.

По акцијата на Јанкулов, 21-годишниот Михаил Талевски зголеми на 3-0. Вардаровата доминација продолжи и резултира со нов гол во 58.минута со голот на Омерагиќ за 4-0. Грешката на вардаровиот голман Талески, ја искористи Марио Станкоски кој во 71.минута намали на 4-1. Втор пат во листата на стрелци се запиша и Омерагиќ во 79.минута, а по втората асистенција на Јанкулов на натпреварот. А, конечниот резултат 6-1 за Вардар го постави Омерагиќ во 84.минута комплетирајќи го својот хет-трик.

Вардар за кого ова беше 12-та победа сега има 39 бодови, но и натаму само еден повеќе од Струга ТЛ која попладнево го декласира Башкими со 5-0. Зад овој двоец е актуелниот шампионот Шкендија која утре го пречекува Работнички во Тетово, во последниот натпревар од ова коло.