Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20:45 часот) ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026. Со нерешен резултат или победа на гостувањето во Кардиф против Велс, Македонија ќе го обезбеди 2.место во групата, и поповолен ривал во баражот за Мундијалот.

Селекторот Благоја Милевски е убеден дека тимот има сила да се справи со предизвикот и да ја оствари поставената задача.

„Подготвени сме за ова што следува. Нѐ очекува натпревар што решава многу, но мојата порака до играчите е да го одиграат со уживање. Велс е силна репрезентација со одличен селектор, но двете екипи се практично исти како на првиот меч во Скопје. Имам доверба дека ќе дадеме вистински одговор и дека ќе ги реализираме нашите цели“, истакна селекторот Благоја Милевски на прес – конференцијата пред натпреварот.

Капитенот Енис Барди е убеден дека Македонија има сили да се справи со притисокот и предизвикот што ги очекува. Атмосферата во Кардиф ќе биде силно наклонета кон домаќините, тоа е повеќе од јасно. Барди истакна дека поддршката на навивачите од Македонија ќе биде нивниот најголем мотив.

„Секогаш нагласувам дека треба да уживаме во секој момент, најпрво затоа што имаме чест да ја претставуваме нашата земја, а потоа и затоа што знаеме дека сите луѓе дома се со нас. На трибините можеби ќе имаме малку навивачи, но во душата знаеме дека цела Македонија ќе ни дава сила. Не очекува тежок дуел, но сме подготвени да дадеме вистински одговор“, изјави капитенот Барди.