Само што почна новата сезона во младинските фудбалски конкуренции на Македонија, веднаш СКАНДАЛ!!!

Имено натпреварот меѓу пионерите на Брегалница и Шкупи е прекинат поради тежок инцидент. Родител на гостинската екипа од Скопје, влегол на теренот и физички нападнал деца (фудбалери) од противничкиот табор. Едно од децата претрпело сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот.

По инцидентот брзо реагирала и полицијата, која го привела напаѓачот.

„Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош, се вели во соопштението на МВР.

На скандалозниот настан своја реакција упати и Фудбалската федерација на Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро го осудува инцидентот што се случи на натпреварот од младинските категории (генерации 2009/10) помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи, кога група родители на гостинските фудбалери влегоа на теренот и физички нападнаа дел од домашните играчи.

Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери.
Особено загрижува што едно од децата претрпе сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот.

ФФМ најавува дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот.
Ќе биде покрената дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори.

Инаку инцидентот се случил во самиот финиш од натпреварот при водство на домаќините од 2:1.