Машката македонска одбојкарска репрезентација влегува во последната подготвителна фаза за евро-квалификациските дуели со Грција и Грузија. 

Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски утре и во четврток ќе одиграат два контролни натпревари против Швајцарија и Бугарија. Тие мечеви се дел од 49-тото издание на меморијалниот меѓународен турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.

Капитенот Никола Ѓорѓиев верува дека преку овие дуели, ќе биде подигната формата претстојниот предизвик. Тоа се последните два меча во евро-квалификациите.

„Ова ќе биде една финална подготовка да бидеме до каде сме со припремите. Веќе одигравме две утакмици во Бугарија. Сега против Швајцарија и повторно Бугарија ќе биде уште подобро и се надевам дека здрави живи и ќе го трасираме патот за првиот меч против Грција.

Се надевал дека на турнирот ќе покажеме некои 90-95% од нашите можности и дека потоа, последните 4-5 дена пред мечот, ќе служат за повеќе тактика. 

Сеуште не сме почнале со тоа, го чекаме нашиот статистичар, а потоа ќе почнеме со тактички добро да се подготвуваме за да излеземе на мегдан 100% воиграни и со зад нас четири пријателски натпревари“, изјави капитенот Ѓорѓиев. 

Турнирот „„Бранко Хаџииљоски – Чајка“, ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, а влезот за сите натпревари во салата ќе биде слободен. 

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

Македонија – Швајцарија (05.08.) 17:45ч.
Швајцарија – Бугарија (06.08) 19:00ч.
Македонија – Бугарија (07.08) 19:00ч.

Следете нé на социјалните мрежи