Машката јуниорска репрезентација на Македонија е единствената од нашите млади селекции, кои ова лето се дел од елитната конкуренција. Кошаркарите до 18 години денеска го почнуваат настапот на Европското првенство од Дивизијата „А“ во Белград.
Нималку лесна задача ќе имаат нашите јуниори на овој шампионат, во кој се дел од групата „Ц“. Во неа за противници ќе ги имаат репрезентациите на Литванија, Грција и домаќинот Србија.
Примарна цел е опстанокот во ова ТОП 16 друштво, но нема да биде воопшто лесно, особено ако се земе во предвид силината на противниците.
„И покрај тоа што сме свесни за нашите слабости, ние не одиме на Европското првенство со кренато бело знаме, ниту да се прошетаме во Белград. Одиме максимално мотивирани во секој натпревар, со цел да пружаме квалитетни партии и да бидеме рамноправен противник со сите.
Тука не сме да се предаваме предвреме како во минатото. Напротив, размислуваме за победа на секој натпревар. Ќе се бориме за сигурен опстанок и што подобар пласман. И покрај тоа што имаме најмлада репрезентација на првенството, во која дури осум играчи се 2008 годиште, ќе се обидеме со добра игра, да ги натераме противниците да нè респектираат како што ние ги респектираме“ – порачува селекторот пред почетокот на шампионатот во кој за противник во првото коло, денеска, од 16.часот, ја имаме селекцијата на Литванија.
Шампионатот го почнуваме денеска со дуелот поротив Литванија закажан за 16 часот. Утре (недела) Македонија ќе игра против Грција, a во понеделник за противник ја имаме репрезентацијата-домаќин, Србија.
Во зависност од пласманот во групата „Ц“, во осминафиналето ќе го чекаме противникот кој доаѓа од групата „Д“ во која се репрезентациите на Летонија, Словенија, Белгија и Шпанија.
Сите натпревари ќе може да ги гледате ВО ЖИВО ОВДЕ




































