Македонските кошаркарски јуниори со огромен пораз го почнаа настапот во елитната „А“ дивизија на Европското првенство во Белград.

Репрезентацијата до 18 години беше совладана од врсниците од Литванија со 75 разлика 137-62 во меч од Ц групата, во која се и домаќинот Србија, како и Грција.

Лошо отворање на натпреварот имаа македонските јуниори. Противникот почна со 7-0, за конечно во третата минута да ги видиме првите поени на Македонија. Брзо противникот стигна и до двоцифрена предност (21-9), а на првата пауза замина со +18 (33-15).

И во вториот квартал иста слика. Премногу солирање во нападот и без голема борба во одбраната. Таквата игра резултираше дури и со 29 поени негатива на полувремето 59-30.

Така второто полувреме беше само чиста формалност, па Литванците заслужено се радуваа на победата со неверојатни 75 поени разлика.

По една ваква игра беспредметно е да се издвојуваат поединци и стрелци, туку да се анализира играта во најкратко време и да се корегираат бројните грешки, пред се во пристапот на поединци.

Стручниот штаб за тоа нема да има многу време бидејќи веќе утре во дуел од 2.коло Македонија за противник ќе ја има Грција во натпреварот што ќе почне од 13 часот.

Јасно е дека во оваа конкуренција, задачата да се оствари целта опстанок во „А“ дивизијата, нема да биде ни малку лесна, но кошаркарите ќе мора да одиграат многу поангажирано и колективно.

Следете нé на социјалните мрежи