Трите македонски претставници во УЕФА Конференциската лига, Вардар, Работнички и Силекс, денеска ќе ги играат првите натпревари.
Во првите дуели од првото квалификациско коло, само Вардар ќе игра на домашен, а Работнички и Силекс на гостински терен.
Вардар пред своите „Комити“ се враќа на евро-сцената
Последен пат најтрофејниот македонски клуб на интернационална сцена го имаше во 2018 година. Поточно, црвено-црните настапуваа во групната фаза на Лига Европа во 2017/18 сезона. Вардар е единствениот македонски тим кој стигнал до групната фаза.
Во дуелот со тимот од Сан Марино, вардарци ќе ја имаат улогата на фаборити. Сепак тоа избраниците на Гоце Седлоски ќе треба да го спроведат на дело. Натпреварот што ќе се игра на националната арена „Тодор Проевски“ ќе почлне во терминот од 20.30 часот.

Работнички и Силекс со ист термин на гостински терен
И тимот на Работнички по седумгодишна апстиненција се враќа на европската сцена. Популарните „Романтичари“ од Дебар маало ќе се соочат со белорускиот претставник Торпедо-Белаз и тоа на неутрален терен во Унгарија.
Противникот е веќе во натпреварувачки ритам. Во белоруското првенство има одиграно 15 натпревари, по кои се наоѓаат на 3-та позиција на табелата. Работнички пак во подготовките одигра пет контролни натпревари, од нив три беа со Силекс. Дуелот меѓу Торпедо и Работнички ќе почне од 20 часот, термин во кој ќе се игра и натпреварот во Тушко Полје, Црна Гора.
Таму фудбалерите на кратовски Силекс во првиот меч од оваа рунда ќе му гостуваат на црногорскиот Дечиќ Тузи.
Сите три натпревари ќе може да го гледате ВО ЖИВО ОВДЕ.




































