На точно 39 денови пред почетокот на младинскиот Евробаскет од Дивизијата „Б“, нашите млади кошаркари ги почнаа подготовките.
Селекторот на репрезентацијата до 20 години, Горан Самарџиев денеска ја направи првата прозивка.
На неговиот поширок список се 23-ца кошаркари, кои во наредните денови ќе тренираат во салата на СРЦ „Кале“.
„Почнуваме со надеж дека ќе имаме една успешна приказна ова лето.
Одлучив да им дадеме шанса на сите потенцијални кандидати, оттука на првите тренинзи ќе имаме и поголем број на кошаркари.
Оправдано, на почетокот не можеме да сметаме на некои од нив, како Марко Луканоски, кој има обврски со клубот, но очекуваме да се приклучи што е можно порано“,
изјави селекторот Самарџиев.
Младинците ќе играат на шампионатот што ќе се одржи од 11 до 20 јули во Ереван. Нашите млади кошаркари се дел од групата „Ц“ заедно со селекциите на Швајцарија, Австрија, Холандија, Грузија и Данска.