Најдобрите сениорски одбојкарски репрезентации на Македонија, во двете конкуренции, од утре ќе бидат во Струмица.

Таму, во хотелот „Горан Пандев“, селекторите Јошко Миленковски и Стефан Пауновиќ ќе ги направат првите прозивки.

Селекторот на мажите Миленковски, ќе прозива 16-мина одбојкари кои се најдоа на неговиот список за претстојните летни обврски. Македонските одбојкари прво ги чека настап во Златната Европска лига, а потоа и квалификациите за Европскиот шампионат.

Според планот, репрезентацијата една недела ќе тренира во салата „Парк“ во Струмица, а потоа патува за Марибор каде на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска.

Натпреварите во Златната Лига, Македонија ќе ги почне на 6 јуни во Братислава, Словачка, каде покрај домаќинот ќе игра и со Финска. Вториот турнир е една недела подоцна од 13 до 15 јуни во Рига, каде за противници ќе ги имаме Летонија и Грција. На последниот напите одбојкари ќе бидат домаќини во Струмица (од 20 до 22 јуни). Во салата „Парк“ за противници ќе ги имаме Црна Гора и Израел.

Дамите пак по втор пат ќе бидат дел од Сребрената Европска лига.

На списокот на Пауновиќ се 20 репрезентативки, од кои само Тамара Стојанова, ќе го пропушти првиот тренинг. Поради кусиот период за подготовка, репрезентацијата нема да одигра пријателски натпревари.

И тие ќе одиграат шест натпревари низ три турнири, а два од нив ќе се играат во Струмица.

Првиот од 30 мај кога ќе ги пречекаат Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд одбојкарките ќе патуваат на Фарски Острови, а покрај домаќинот ќе играат и против Австрија. Од 13 до 15 јуни повторно ќе се игра во Струмица, а тогаш ќе гостуваат Израел и Грузија.