Селекторот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски, во координација со федерација, ја дефинираше програмата за претстојното лето.

За македонските претстои богато лето со настапи во Златната Европска лига 2025, како и вториот дел од квалификациите за Европското првенство 2026.

Првиот собир репрезентацијата ќе го има на 15 мај во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица. Таму селекцијата ќе ја одработи првата недела од подготовките за настапот во Златната Европска лига.

Контроли со Хрватска

На 24 и 25 мај, Македонија во Марибор ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска.

Струмица ќе биде базата на сениорите и во месец јуни.

Јуни, резервиран за Златната Европска лига

Од 6 до 8 јуни, Македонија ќе игра на првиот турнир од Златната Европска лига во Братислава, Словачка. Таму, покрај домаќинот за противник ќе ја имаме и селекцијата на Финска.

Вториот турнир одбојкарите го играат една недела подоцна од 13 до 15 јуни во Рига против Летонија и Грција. Македонија ќе биде домаќин на еден од трите турнири. Од 20 до 22 јуни во салата „Парк“ во Струмица, ќе ги пречека Црна Гора и Израел. Доколку Македонија се најде меѓу првите четири екипи во генералниот пласман по комплетирањето на турнирите ќе се најде на Ф4 турнирот, кој 5 и 6 јули ќе се одржи во Брно, Чешка.

По завршувањето на обврските во Златната Европска лига националниот тим ќе има три недели одмор.

Во јули подготовки за евро-квалификациите

Одбојкарите повторно ќе се соберат на 20 јули во Маврово, за темпирање на формата за квалификациските дуели со Грција и Грузија за Европското првенство 2026.

По една седмица подготовки во Маврово селекцијата ќе патува за Бугарија, каде во Софија ќе одигра контролен двомеч со Бугарија, на 29 и 30 јули. По враќањето екипата ќе се стационира во Скопје, каде ќе ја одработи финалната фаза од подготовките.

Генерална проба за сениорите пред евро-квалификациите ќе биде 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“. На овој турнир противници на Македонија и бидат репрезентациите на Бугарија и Швајцарија. Турнирот ќе се одржи во периодот од 5 до 7 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

На 13 август одбојкарите ќе и гостуваат на Грција во Атина. Летна агенда за репрезентацијата финишира на 17 август кога во „Борис Трајковски“ во Скопје ќе ја пречекаат Грузија, во последното коло од квалификациите за ЕП 2026.