Младата женска фудбалска репрезентација на Македонија до 17 години со две победи го заврши првиот квалификациски круг за Европско првенство.
На турнирот во Скопје, а во рамките на групата 6 од втората рунда на „Б“ лигата, Македонија го освои првото место во конкуренција на Молдавија и Словенија.
По убедливата победа над Молдавија со 5-0, младите македонски фудбалерки, денеска ја совладаа Словенија со 1-0.
Настасја Накова која оствари хет-трик против Молдавија, беше стрелец на водечкиот гол. На луциден и ефектен начин, Накова во 8.минута од слободен удар преку 25 метри ја совлада словенската голманка.
Со освоеното прво место македонските фудбалерки изборија пласман во следната рунда, односно промоција во елитната „А“ конкуренција.