Македонската футсал селекција ја очекува двомеч со Португалија во квалификациите за Европско првенство во Летонија и Литванија 2026 година.

На програмата се два натпревари против една од најдобрите светски репрезентации и актуелен европски шампион Португалија.

Селекторот Васко Скендеровски веќе го одбра тимот што треба да му се спротивстави на фаворитот.

„Нé очекуваат два силни натпревари, кои ќе бидат големо искуство за нас против актуелниот двократен Европски шампион, и Светскиот првак од 2021 година, репрезентација која со право се вбројува во првите три репрезентации во светски рамки.

Португалија доаѓа во најсилниот состав, за разлика од нашата репрезентација која ќе настапи без шестмина стандардни репрезентативци и носители на нашата игра во последните неколку години.

Практично ќе настапиме само со домашни играчи, од нашето првенство кое моментално е на зимска пауза, и ќе видиме колку нашите играчи се физички спремни за овој предизвик.

Ако на ова се додаде и фактот дека првиот голман Петровски, како и стандарниот Крстевски немаат право на настап на првиот натпревар во Скопје поради два жолти картони, ќе биде навистина многу тешко да оствариме поволен резултат против Европскиот шампион без осуммина играчи.

Но од друга страна, ова е голема шанса за оние останатите кои не добиваа многу голема минутажа на претходните натпревари, како и неколкумината дебитанти кој ги повикав на овој собир, да ја оправдаат довербата“, изјави Скендеровски.

Првиот натпревар ќе го играме на домашен терен, во СЦ „Јане Сандански”, во петок (31 јануари) од 19 часот. Реваншот, е закажан на 5 февруари, во Одивалес, Лисабон, со почеток од 20 часот.