Дена македонската кошарка со години е во агонија и ништо не е сменето се потврди и во 2024-тата. Годината што изминува инволвираните во мак-баскетот сакаат да ја заборават што е можно побрзо, исклучок јуниорите.

Машката селекција на Македонија до 18 години беше единствената светла точка во 2024-тата. Во „Б“ дивизијата на Европското првенство во Скопје, македонските јуниори го освоија првото место. Избраниците на Андреевски со право се радуваа и оставија наследство на следната генерација да игра со најдобрите.

Сениорските селекции се далеку од европската елита

Што се однесува до најдобрите сениорски селекции, тие се далеку од европската елита. Дамите и во новиот квалификациски циклус не знаат за победа. Но, тоа е плод на долгогодишната лоша работа во женската кошарка во Македонија.

Мажите пак сеуште теоретски се со шанси за пласман на Европскиот шампионат во 2025-тата. Отворија со домашен пораз од Естонија, селекција која ќе биде и директниот конкурент за место на Евробаскетот. Победата над Полска ги врати надежите дека може да успееме во квалификациите. Двомечот и поразите од Литванија не вратија во реалноста. Само со Ненад Димитријевиќ, потпомогнат од поискусните, Македонија тешко може да се надева да го прекине десетгодишното отсуство од Евробаскетот. Но шансите, па макар и теоретски сеуште постојат, а за тоа ќе мора да се слават победи на последните два натпревари со Естонија (гости) и Полска (дома).

Македонските екипи не конкурентни ниту во второлигашката АБА лига

Клупски на домашната сцена се мина повторно во знакот на МЗТ Скопје Аеродром кој ја освои двојната круна, а триумфираше и во Супер купот. Чекор зад аеродромци секогаш беше битолски Пелистер.

Но двата тима заедно со Работнички имаа лош настап во второлигашката АБА конкуренција. Трите македонски екипи го завршија учеството уште по групната фаза. Со само 3 победи (МЗТ 2, Пелистер 1) на 18-те одиграни натпревари, македонските екипи потврдија дека се далеку од конкурентни, па дури во во Втората АБА лига.

2025-тата ќе донесе промени, барем во федерацијата

Дека во мак-баскетот не ни е розова работата, онака како како малкумина ја гледаат, потврди и крајот на годината. Редовното, маратонско, годишно Собрание на МКФ, најавува промени во федерацијата.

Актуелниот претседател Перо Антиќ доби „црвен картон“ од големото мнозинство на делегати, но не се одважи да се повлече. Во кошаркарските кругови тоа веднаш беше протолкувано само како „купување на време“. Јасно е дека Антиќ во март месец најдоцна ќе мора да се соочи со недовербата која ја има кај кошаркарските работници.