Горан Станиќ е новиот селектор на младата фудбалска репрезентацијата на Македонија до 21 година. Тој доаѓа на местото на Драги Канатларовски кој беше разрешен од функцијата поради лоши резултати.
Станиќ се враќа во Фудбалската федерација на Македонија, откако претходно имаше успеси со селекциите до 17 и 19 години.
,,Пред се сакам да се заблагодарам на претседателот и неговиот тим во федерацијата за укажаната доверба.
Да се биде предводник на репрезентативен состав само по себе претставува голема чест и привилегија, но оваа функција носи и голема одговорност.Многу добро знам што ме очекува и максимално подготвено влегувам во предизвикот.
Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата и довербата што ја добив. Секој предизвик носи своја тежина.Во мојата кариера секогаш сум бил сериозен, професионален и посветен кон работата, така ќе биде и овој пат”,
вели Станиќ.
Новиот селектор верува дека младата репрезентација на Македонија до 21 (генерација 2004 и 2005) има голем потенцијал.
,,Новата генерација Македонија до 21 несомнено е дека располага со голем квалитет и потенцијал.
Голем дел од фудбалерите веќе се стандардни во своите екипи и имаат стекнато прволигашко искуство. Повеќето од играчите добро ги познавам.
Располагаме со квалитет што ни дава за право да се надеваме на добри резултати.
Новиот селектор Станиќ најавува и промени.
,,Промени ќе има, со оглед на тоа што ова е нова генерација. Фудбалерите што беа дел од претходните квалификации немаат право за настап во следните квалификации, така што е природно да има промени.
Во следниот квалификациски циклус право на настап ќе имаат фудбалерите родени во 2004 и 2005 година, но секако дека ќе добијат можност и некои фудбалери кои се родени 2006 година”, заклучува Станиќ.