Ракометарите на Вардар утре во „Јане Сандански“ го почнуваат својот настап во групната фаза ЕХФ Европската лига.
На стартот вардарци пред своите симпатизери ќе го пречекаат исландскиот тим Валур.
Тоа е еден од трите противници на црвено-црните во „Ф“ групата во која се и португалскиот Порто и германскиот тим Мелсунген.
Тренерот Владо Недановски очекува неговата екипа победнички да го започне настапот на европската сцена.
„Драго ми е што по две сезони се враќаме на европска сцена. Тоа го посакувавме, но и нашата публика која ќе гледа европски натпревари.
Валур е малку познат за јавноста, но се работи за млада и добра екипа, што преферира брз и модерен ракомет.
Играме дома, ние ја преземаме фаворитската улога“,
изјави Недановски.
Целта секако ќе биде Вардар да заврши меѓу двете прворангирани екипи кои ќе се пласираат во осминафиналето.
Утрешниот дуел меѓу Вардар и Валур што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ ќе почне во терминот од 20.45 часот.