Најдобрата македонска фудбалска репрезентација утре ја очекува вториот натпревар во новото издание на Лигата на Нациите.
По нерешениот резултат на гостувањето кај Фарските Острови, Македонија сега ќе оди на се или ништо во дуелот со Ерменија.
Ерменците се нашиот главен конкурент за првото место во групата, па затоа дуелите со нив ќе бидат решавачки. Едногласни беа селекторот Благоја Милевски и ко-капитенот Столе Димитриевски, на денешната средба со медиумите.
„Откако сум со репрезентацијата, било тоа да е младата или сениорската, македонските фудбалери секогаш знаеле да одиграат најдобро кога е најпотребно.
Резултатскиот императив да победи, е притисок сам по себе, но верувам дека со поддршка од публиката, моите избраници ќе го сторат тоа и ќе дадат повеќе од нивите можности во моментов.
Едноставно, Македонските фудбалери секогаш играат најдобро кога тоа е најпотребно , а утре ќе биде така“,
истакна селекторот Милевски.
Милевски најави дека ќе има промени во составот, но со кои 11-мина ќе го започне натпреварот ќе реши утре.
На иста релација со селекторот е и голманот Димитриевски, кој смета дека повозрасните се оние кои мора да ги повлечат помладите.
„Да покажеме поинаква Македонија и да дојдеме до поволен резултат.
Не е важен начинот, туку сакаме да победиме. Тоа е единствено што е во нашите мисли.
Сметам дека поважно е како ќе излеземе на теренот. Анализиравме, подготвени сме за утрешниот меч“,
изјави Димитриевски.
За утрешниот натпревар меѓу Македонија и Ерменија што ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ ќе почне од 20.45 часот.