Младинската репрезентација на Македонија го претрпе првиот пораз на Европскиот шампионат за ракометари до 20 години.
Дури во шестиот натпревар македонските младинци мораа да подадат рака на подобрите од себе. Во случајот тоа беа Французите кои во дербито за 1.место на „И“ групата славеа со 18-25.
Во рамноправното прво полувреме ниту една од репрезентациите не успеа да создаде поголема предност од два гола. На паузата Триколорите беа оние кои заминаа со позитива (10-12).
Во вториот дел Французите го подигнаа нивото на игра во одбраната, кое на моменти беше и премногу грубо. Судиите ретко се решаваа да ги санкционираат со 2.минути, па Триколорите го искористија тоа. Направија и предност од шест гола (13-19), која знаеја како да ја сочуваат. Славеше на крајот Франција со конечни 18-25 и го освои првото место во групата пред Македонија.
Четворица ракометар во нашата репрезентација постигна по три гола: Марио Стојановски, Мирче Калајџиев, Дамјан Митев и Ненад Белистојановски.
Сега двете селекции ќе разигруваат за пласман од 9 до 12 место.