Mакедонската младинска кошаркарска селекција се подготвува за настапот на Европското првенство што ќе се игра овој месец во Полска. Зад македонските младинци се веќе одработени третини од планираните активности пред она што следува.
Избраниците на селекторот Боро Смилковски одиграат четири контролни натпревари. Ефектот е половичен два порази од Црна Гора и два пати ја совладаа Словачка.
„Напорно работиме веќе дваесетина дена на физичко и техничко-тактички план, затворивме еден мини-циклус на подготовки во кои успешно ја подигнавме физичката спремност кај играчите и ги поставивме принципите на нашиот систем.
Натпреварите со Црна Гора можеби дојдоа прерано, но истите ни беа одлична можност за да креираме некоја слика за нас и рамки во кои треба да се движиме. Од друга страна, натпреварите со Словачка на кои забележавме две победи ни дадоа една различна слика за тоа што досега имаме сработено.
Можам да кажам дека сум задоволен од прикажаното, а имајќи в предвид дека нė мачат и одредени повреди кај дел од играчите и фактот дека настапивме ослабени, со 11 играчи во ростер без неколку стандардни во ротацијата“, вели селекторот Смилковски.
Во завршна фаза од подготовките македонските младинци ќе одиграат уште два контролни натпревари.
„Нė очекуваат уште десетина дена од периодот на подготовките и уште два контролни натпревари против комбинирана колеџ-селекција од САД, како и натпреварот со Швајцарија во сабота.
Со еден сериозен пристап и со надеж дека со комплетен состав ќе патуваме за Полска, да го дадеме нашиот максимум за Македонија во обидот да избориме опстанок во ‘А’ дивизијата, одговорност што ја носиме за идните генерации“, потенцира селекторот Смилковски.
Македонија на Евробаскетот во Гдиња, Полска, од 13 до 21 јули, за противници во групата ќе ги има Шпанија, Турција и Белгија.