Фудбалерите на Тиквеш се освојувачи на трофејот во Купот на Македонија.

Во финалниот натпревар одигран на арена „Тодор Проевски“ во Скопје, Тиквеш ја победи екипата на Воска спорт со 2-1.

До својот историски прв клупски трофеј кавадарчани стигнаа заслужено бидејќи во најголемиот дел од натпреварот беа подобриот противник во 31-то финале.

Фудбалерите на Тиквеш почнаа отворено и со желба први да сигнат до водство.

Најзрелата шанса да го отвори резултатот ја имаше Силва во 21.минута кога од 4-5 метри се обиде со глава, но Захов беше внимателен. Во 31-та минута голема среќа за охриѓани, се обиде Спахију од голема далечина, Захов беше совладан, но негов сојузник беше пречката. Само четири минути подоцна беше упатена топка кон Луна Силва петерецот на Воска, но Бразилецот задоцни за малку.

Конечно во 40-тата минута кавадарчани заслужено се радуваа на водство. Христијан Стојковски на ефектен начин од слободен удар со еврогол му донесе водство на Тиквеш од 1-0.

Во вториот дел, односно 59.минута, кавадарчани веќе имаа два гола предност. По корнерот од левата страна, на вистинското место во шеснаесетникот на Воска се најде Бразилецот, Силва и го совлада Захов за 2:0.

Надежта на охриѓани ја врати Шаркоски кој во 77.минута ја казни грешката на кавадаречкиот голман Ренер.

Сепак Словенецот со прекрасната интервенција во судиското дополнение не дозволи израмнување по обидот ма Марушиќ.

Резултатот остана не променет 2-1 за Тиквеш кој заслужено се радуваше на првиот свој трофеј.

Кавадарчани се 15-тата екипа која го освоила Купот на Македонија, а со тоа и си обезбедија настап на европската сцена.