Женската ракометна репрезентација на Македонија попладнево ќе го одигра последниот натпревар од квалификациите за Европското Првенство. Македонија ќе ја пречека репрезентацијата на Литванија во СЦ ,,Борис Трајковски”.

Овој натпревар нема резултатско значење бидејќи нашата репрезентација со триумфот над Азербејџан го обезбеди пласманот на Европскиот шампионат. Сепак, македонските ракометарки со право посакуваат полна сала, а ветуваат победа со која заедно со навивачите ќе го прослават големиот успех.

Почетокот на дуелот меѓу Македонија и Литванија закажан во 18, а влезот ќе биде слободен за сите љубители на ракометот.

Кои ќе бидат противниците на Македонија на Европскиот шампионат ќе дознаеме на 18 април по ждрепката во Виена. Европското првенство ќе се одржи во периодот од 28 ноември до 15 декември, а земји домаќини ќе бидат Швајцарија, Австрија и Унгарија.

Ивона Кимовска